Швајцарија бара нов термин за натпреварот со Македонија!

Швајцарската федерација бара нов термин за натпреварот со Македонија и еден ден повеќе за одмор!

Поради тоа што Данска и Швајцарија, наместо вчера, ќе го одиграат меѓусебниот дуел денеска, Швајцарската федерација побара промена во последен момент и презакажување за натпреварот против нашата селекција.

Натпреварот е закажан за сабота во 18:30 часот во Шафхаузен, но Швајцарците сакаат да „купат“ уште еден ден за одмор и предложија новиот термин да биде в недела од 16:00 часот.

Сепак тоа ќе биде тешко да се изведе од логистички причини, со оглед на тоа што Ракометната федерација на Македонија веќе има резервирано чартер лет за пат во Швајцарија и враќање назад, а интернационалците веќе имаат и авионски билети за враќање во недела во своите клубови.

Македонија во првиот дуел од квалификациите за Европското првенство славеше над Финска со 33-24.