Шампион со победнички старт во новата сезона, триумфираше против Гевгелија

Со натпреварот меѓу Шампион и Гевгелија денес стартуваше новата сезона во Женската лига, а дуелот во спортската сала „26 Април“ го доби тимот на Шампион, кој триумфираше со 28:26 (17:12) во натпревар од групата А.

Екипата на Шампион имаше фуриозен старт и по десетина минути игра дојде до водство од 6:2. Амбициозниот тим на Гевгелија никако не можеше да се врати во игра и влезе во поголема криза, која што се одрази на самиот резултат. Одличната серија на Шампион продолжи и во следниот период, разиграни беа Митова и Кралева, па така тимот од Скопје, кој на денешната средба беше формално домаќин, во 15 минута поведе со плус седум гола разлика, 11:4.

Составот на Гевгелија во последниот дел од првото полувреме се обидуваше да намали дел од резултатската негатива и натпреварот да го направи понеизвесен. Сепак, Шампион имаше целосна контрола на резултатот и не дозволи ,,гостинската екипа” да се врати во игра. На полувреме резултатот беше 17:12 во корист за Шампион.

Гевгелија по неколку минути игра во вториот дел со погодоците на Гичева и Митревска дојде до минус три гола разлика, 17:14, но екипата на Шампион со два гола во низа се одлепи на солидно водство од 19:14. Како што одминуваше времето, така ракометарките на Гевгелија беа многу блиску до егал завршница.

По водството на Шампион од 21:16, избраничките на Татјана Љатева со серија од 3:0 намалија на два гола разлика, 21:19. Сите дилеми околу победникот беа решени со голот на Сара Трајков, која на својот тим му донесе водство од 26:22 на пет минути пред финишот. Гевгелија немаше шанси за евентуален пресврт, а грешките во клучните моменти беа причина за денешниот пораз на амбициозниот тим.

Предводнички во екипата на Шампион беа Анатасија Митова со седум и Јана Велигденова со пет погодоци. Во поразениот табор се истакнаа Мери Гичева со девет и Михаела Митревска со осум гола, недоволни за поволен резултат.