Во многу интересен и израмнет натпревар во рамките од Женската лига, Шампион славеше против Гевгелија со 24:21. Победата над Гевгелија беше трета за избраничките на Слободан Чивлачки во новата сезона.
Во првиот дел, односно во првите 30. минути и двете екипи беа во предност. Шампион добро се држеше до првата половина од првиот дел кога имаше минимално водство од 6:5. Ракометарките на Гевгелија со головите на екс репрезентативката на Македонија, Драгица Митрова започнаа да создаваат предност, имаа 10:8 на неколку минути пред крајот на првото полувреме, додека на пауза заминаа со предност од 11:10.
Шампион во вториот дел направи целосен пресврт. Во најголемиот дел од вторите 30. минути, гостинките од Скопје имаа контрола врз играта. Георгиевска, Димитревска, Петровска и Неделковска погодуваа кога беше најпотребно за екипата на Шампион која влезе со предност од 20:16 во последниот дел од натпреварот. До крајот на натпреварот, водството на гостинската екипа не беше доведено под знак прашалник.
Носител на играта во победничката екипа беше Ана Георгиевска со десет гола. Кај Шампион еден гол постигна поранешната ракометарка на Кометал ЃП, Хипо и Шлагелсе – Валентина Радуловиќ. Во Гевгелија прв стрелец беше Драгица Митрова со осум гола, а четири постигна Елена Димова.