Шампион го победи Бисинов и го напушти последното место

Тимот на Шампион славеше убедливо против Бисинов со 28-20 во натпревар од 13 коло од Првата лига и му го препушти последното место на велешкиот тим.

Ова беше втор сезонски триумф за избраниците на Слободан Чивлачки, кој беше обезбеден во второто полувреме.

На стартот на мечот гостите од Велес имаа контрола, водеа со 3-1 и 4-2, но потоа домашните се вратија во игра и полека градеа предност. Имаа плус четири, но на пауза се замина со 13-11.

Клучната разлика Шампион ја направи во средината на вториот дел, кога по 17-14, зголеми на 19-14 и до крајот не ја испушти предноста.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Дамјан Миноски со шест, како и Давид Богоевски и Христијан Сибиновски со по пет гола, а кај Бисинов се истакна Мартин Иванов со шест погодоци.

Сега Шампион е на седмото место со шест бода, додека Бисинов е на осмото место со четири.