Ракометарите на Шампион во неизвесен дуел славеа против составот на Младост Богданци со 29:28 и останаа во игра за место во плеј-оф фазата од прволигашката конкуренција.
Како во поголемиот дел од натпреварот, првото полувреме мина со пресврти, осилаци во играта, подеми и падови кај двата табора. Домашниот тим до средината на првиот дел имаше контрола на резултатот, додека гостинот од Богданци во последниот период го презеде водството и успеа само за момент да го надигра домаќинот.
По нерешените 8:8, избраниците на Стоилов со серија од 4:0 се одлепија на 12:8, но не успеаја водството да го задржат, бидејќи упорните домаќини во финишот од првиот дел целосно се вратија во игра. Младост во еден период од првото полувреме влезе во одличен ритам и лесно доаѓаше до погодок.
Сепак, откако гостинскиот состав имаше плус четири гола разлика, 16:12, домашниот тим успеа да постигне четири гола во низа и да израмни на 16:16. Со овој резултат сѐ замина на пауза.
Второто полувреме донесе многу неизвесност и двете екипи наизменично се менуваа во водство. Младост никако не можеше да обезбеди стабилна контрола и секогаш кога ќе се одлепеше на повисока разлика, домашниот тим успеваше да израмни, но и да го преземи водството.
Само нијанси одлучуваа каков ќе биде епилогот од денешната голема борба. Резултатот во последните 15 минути од дуелот најчесто беше нерешен. Црвен картон во 58 минута поради три исклучувања заработи членот на Шампион, Филип Спирковски.
Беше 29:28 на речиси две минути пред крајот, гостите промашија за изедначување, но исто така домаќините не реализираа од пенал за мирна завршница. За Младост преостанаа уште десетина секунди, во кои на двапати не беше совладан домашниот голман, така што бодовите останаа за Шампион.
Најефикасен во победничката екипа беше новото засилување Илија Пејковски со седум погодоци. Кај поразениот тим се истакнаа Никола Роглев со шест и Ѓорѓе Атанасов со пет гола.