Екипата на Вардар имаше уште една шампионска вечер во СЦ „Јане Сандански“ и го совлада актуелниот вицешампион во Лигата на шампионите со 30:28 предводена од Борко Ристовски и Оливие Њокас.
Гостите го добија отворањето на денешниот дуел и многу брзо создадоа предност. За само десет минути игра имаа 8:4 што најавуваше дуел на кој лесно ќе можат до бодови.
Овие четири гола негатива ги разбудија „црвено-црните“, откако и Вујовиќ побара тајм-аут, па потоа се влезе во многу подобар период. Полека се топеше негативата и се одеше кон подобар тек на настаните во кои постепено се фаќаше приклучок.
При 10:13 во 21. минута следуваа три минути со три гола за 13:13 и за убаво продолжение од овој дуел во кој до крајот на првиот дел Вардар успеа и да дојде до предност. Сепак, на одмор беше 16:16.
Второто полувреме донесе супер продолжение за Вардар. Браќата Њокас се разиграа и го полнеа голот на Алборг. Нивните шутеви овозможуваа Вардар многу лесно да реализира. И денеска биеше без грешка како и против Мешков Брест. На нивната одлична игра во нападот се надоврза и одличниот Ристовски на голот кој бранеше тешки удари, а ги откажа и изведувачите на удари од седум метри.
Вардар постојано беше на два до три гола предност и ја контролираше оваа разлика. Лесно можеше да се дојде до плус четири и порано, но тоа беше обезбедено во 54. минута, кога Оливие Њокас донесе 28:24.
Тука се влезе во многу лоша завршница. Се играше и 7 на 6, но лошо се комбинираше, па лесно се губеа топки. Покрај тоа тимот на Алборг знаеше како да казни и за само две минути стигна на гол негатива. На 29:28, Ристовски одбрани зицер, а потоа Оливие Њокас се извади за грешката претходно. На 30:28 украде и топка, но не реализираше.
Сепак, до крајот немаше време за многу голови, па бодовите останаа во Скопје, а вицешампионот од лани доживеа прв пораз во ЛШ после минатосезонското финале.
ЛИГА НА ШАМПИОНИ – ГРУПА А
ТАБЕЛА