Европскиот првак Барселона имаше победнички старт кон одбраната на титулата во Лигата на шампионите, откако со пресврт во второто полувреме славеше на тешкото гостување кај унгарскиот ПИК Сегед со 35-28. Домаќините имаа свои шанси, но до првите бодови оваа сезона ќе почекаат барем до следното коло.
Воведот во натпреварот понуди неизвесност, брз и атрактивен ракомет во кој двете екипи постигнуваа лесни голови. Сепак расположениот Алилиовиќ имаше свои минути и токму тој беше клучниот ракометар за разликата која ја создадоа домаќините пред преполнетата нова арена во Сегед. Барса создаваше чисти шанси за гол, но не успеваа да го измамат и Алиловиќ.
Пет разлика (10-5) за Сегед и нешто повеќе од 50% успешност во одбранети удари беа причина тренерот Ортега да го побара првиот тајм-аут во средина на првиот дел. Во составот на Барса се забележа отсуството на Лука Циндриќ, па Ортега ги ротираше Домен Макуц и Јанц Блаж на централната бековска позиција.
Кога се чинеше дека ракометарите на Сегед ја имаа контролата над резултатот и играта на терен, работите бргу се променија. Сегед грешеше во напад, Нилсен влезе на местото на индиспонираниот Перез де Варгас на голот на шпанскиот гигант и резултатот започна да се топи, а до крајот на првиот дел Барса имаше свои шанса да израмни, но по првите триесет минути домаќините го задржаа водството од минимален еден гол за конечни 15-14.
Фабрегас по паузата веднаш успеа да го израмни резултатот на 15-15. Следуваа ефикасни минути на обете страни, а одрбаната на Алиловиќ по обидот на Карслбогард ги врати унгарските прваци на два гола разлика. Сепак Барса ја врати резултатската неизвесност, по грешката и промашениот обид на Бодо, Мем го одведе натпреварот во егал, во 38 минута шпанците го преземаа водството,а минута подоцна ја искористија грешката на домаќините во додавање и на разочарување на унгарската публика заминаа на „плус два“ (22-20), за прв пат на овој дуел.
Тука некаде заврши отпорот на домаќинот, Сегед се почесто грешеше во нападот, а тоа значеше лесна реализација од контра напади за каталонците. Блаж Јанц од контра напад ги донесе највисоките „плус три“ 23-20 за Барса, по што следуваа три гола на пивотот Фабрегас за зголемување на водството на 26-21. До крајот само рутински беше одработен натпреварот и каталонскиот гигант се враќа дома со двата бода.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Фабрегас и Мем со по седум погодоци, шест постигна Ричардсон, додека пет пати стрелаше Гомез. Кај ПИК Сегед се истакна Бодо со пет, како и Баниди и Шоштариќ по четири гола.