Шампионот Вардар стартуваше со победа во новата сезона од Суперлигата, откако на домашен терен немаше проблеми со комбиниран состав и славеше над новиот член на елитата, Скопје, со убедливи 48-24.
Победникот беше решен уште по првото полувреме кога “црвено-црните” направија залиха од 14 погодоци, 28-14. По 4-3 на стартот на натпреварот, вардарци со лесни голови од контранапад се одлепија на плус шест, 9-3.
Ракометарите на теренот се менуваа, но разликата во корист на Вардар само растеше. Сите грешки на Скопје беа казнети со лесни погодоци, а во листата на стрелците се запишаа сите ракометари, освен голманите Ристовски, Гогов и Томовски.
Најдобри стрелци кај Вардар беа Талески и Дибиров со по седум гола, а Георгиевски даде шест погодоци. Во редовите на Скопје се истакнаа Чакалиќ со пет и Александар Василевски со четири гола.
Следен предизвик за Вардар ќе биде гостувањето кај Елверум во Лигата на шампионите, а во Суперлигата во второ коло шампионот ќе се соочи со Радовиш.