Вардар останува единствен тим со максимални 12 бода на табелата откако со 28-25 (12-13) триумфираше во дуелот со градскиот ривал и дебитант во Супер лигата, тимот на Алкалоид.
Двата непоразени тимови во досегашниот дел од првенството тргнаа со намера да бидат единствени лидери на табелата, за што им требаше триумф. Вардар веднаш поведе, но Алкалоид возвраќаше. Вардар настапи без Дарко Ѓукиќ кој има скинати предни лигаменти и без пивотменот Стефан Атанасовски.
Откако Алкалоид преку крилото Александар Стојков од контра поведе со 3-2 како да се разбуди и шампионот. Брзо ги консолидираа редовите и од негатива дојдоа до „плус 3“ и водство 6-3 во 12 минута. Во тој период Мартин Томовски имаше три одлични интервенции меѓу кои и еден седмерец.
Алкалоид имаше „пост“ од осум минути без постигнат гол па дури Мартин Серафимов ја прекина лошата серја со реализација на пенал и намалување на 6-4. Во период во кој Вардар играше без двајца исклучени играчи (Куни и Манасков) ривалот не успеа да погоди, но затоа Стоилов во напад зголеми на 7-4.
Шампионот имаше проблеми со Алкалоид и на турнирот во Струга каде тешко триумфираше. Сега исто така не успеа да се одлепи резултатски, па со серија од 3-0 со два гола на Стојковиќ и еден на Серафимов, дебитантот израмни на 7-7.
Во новиот налет Вардар повторно ги користеше своите шанси, и пак направи предност од 10-8 во 26 минута и имаше шанса на „плус 3“, но по техничката грешка во напад во полуконтра Иваноски намали на 10-9. Дека гостите нема да се предадат покажа и фактот што иако имаа негатива од 12-9, сепак со серија од 3-0 на 20 секунди до крај на полувремето израмнија на 12-12.
Стојанче Стоилов не реализираше зицер од шест метри на неколку секунди до крај, а голманот Трајковски го „најде во контра„ Дарио Кофиловски кој лесно погоди за водство на Алкалоид од 13-12.
Брзо со почетокот на второто полувреме Вардар ја презема контролата и повторно поведува со 14-13. Но, сега веќе се игра „гол за гол“ а Вардар води, а Алкалоид израмнува. Откако Мартин Томовски нанижа две одбрани по ред, кога Вардар имаше водство од 17-16 стигнаа и головите во напад. „Црвено-црните“ веќе водеа со 19-16. Грешките во напад се претвараа во голови, и Вардар некако лесно зголеми на 21-17 во 43 мин.
Време кога Кирил Лазаров мора да земе тајм аут и да смени нешто во играта. Поради сопствените грешки најмногу дебитантот имаше „минус 4“.
Советите вродија со плод, па само неколку минути подоцна разликата беше намалена на 21-20 и Алкалоид повторно е во игра за бодови на 13 минути до крај на средбата. И не само што намали, преку Божидар Илиевски гостите и израмнија на 21-21.
Сега Владо Недановски мораше да смислува тактика и да дели совети земајќи минута одмор. Вардар никако да се одлепи резултати за да може да се надева на лесна завршница. Наместо тоа Алкaлоид го притисна нападот на домашните и ги тераше на брзоплета игра, а откако ќе ја освоеја топката во контра даваа голови. Марко Стојковиќ по подолга пауза на својот тим му донесе водство од 22-21.
По седум минути Вардар ја прекинува црната серија и израмнува на 22-22 влегувајќи во последните десет минути во неизвесна завршница. Алкалоид не само што по вторпат на мечот поведе, туку првпат со два гола прендост, 24-22 и 25-23. Не недостасуваше драма и неизвесност, па Вардар брзо врати со 2-0 и плус имаше исклучување на Едвин Омерагиќ.
Сега домашните пак се вратија во водство, откако Алкалоид имаше неуспешен обид за цепелин, а потоа Манасков реализираше на празен гол. Мартин Томовски го одбрани пеналот на Петковски, а на спротивната страна Талески погодува за водство на Вардар од 27-25 во 58 минута.
Дејан Манасков со 8 голови е најефикасен во тимот на Вардар и н анатпреварот, а Филип Талески постигна 6 гола. Кај Алкалоид Марко Стојковиќ даде 6 гола, а Мартин Серафимов постигна 5 гола.