По прелиминарниот дел на Мундијалот во Македонија, во кој нашата кадетска репрезентација забележа три победи над Сенегал, Узбекистан и Иран, може да се направи пресек на најдобрите голмани, стрелци, напади, одбрани…
Македонската голманка Матеа Чурлиновска се наоѓа во ТОП 5 голмани на Мундијалот, со забележани 23 одбрани од 53 упатени удари или 43% успешност на одбранети удари.
Македонскиот напад досега на трите меча просечно реализираше по 34 гола што е доволно за шесто место од 32 селекции, додека македонската одбрана е во ТОП 3, бидејќи прими 61 погодок или во просек по 20 на натпревар. Сепак треба да се има предвид дека игравме со послаби селекции од Исланд и Шведска, оние со кои ќе играме во главната рунда.
Меѓу ТОП 10 стрелци по прелиминарната рунда нема македонски ракометарки, но тоа е податок дека минутажата и головите се распределни кај сите избранички на Љубомир Савевски.
Најдобри стрелци се Севинч Еркабаева од Узбекистан и Фатеме Мерихи од Иран со по 28 гола на три меча, додека од Македонките највисоко на 18 позциија котира Емилијана Ризоска со 18 голови (по шест на натпревар).
Следен предизвик за Македонија ќе биде дуелот со Шведска вечерва од 20:30 часот, додека задутре ќе играме со Исланд во истиот термин во СЦ „Борис Трајковски“.