Репрезентацијата на Хрватска славеше победа над Шпанија со три гола, 31-28, во натпревар од третото коло во ЕХФ Евро купот.
Иако селекторот Червар не сметаше на Шего и Штрлек, кои се уште ги залечуваат повредите, сепак и без нив Хрватите лесно излегоа на крај со европскиот шампион.
На полувреме водеа со 17-14, а повратникот по три години во националниот тим Иван Чупиќ даде два гола во првиот дел. Червар ротираше со составот, па шанса доби и 34-годишниот дебитант Јанко Кевиќ.
Во вториот дел Хрватите водеа и со седум разлика, а Варгас, Душебаеви, Македа, Кањелас, немаа одговор за расположените домаќини.
Најдобри стрелци во Хрватска беа Циндриќ и Мандиќ со по пет голови, четири даде Шебетиќ, а три Чупиќ, додека кај Шпанците се истакнаа Алекс Душебаев со шест и Македа со четири погодоци.