Чупиќ: Најубави спомени ќе носам од Вардар и Македонија

По пет сезони минати во Вардар и Македонија, десното крило Иван Чупиќ заминува од Скопје.

Хрватот се враќа во татковината и во следните три сезони ќе го носи дресот на шампионот Загреб.

Во интервју за „Ја сакам Македонија“, Чупиќ вели дека дома ќе носи најубави спомени од Македонија.

„Од Вардар и од Македонија ќе ги понесам најубавите спомени во Хрватска. Се чувствувам како да сум дома, не можев да одберам подобро место. Ја покоривме Европа, имавме големи успеси“, вели Чупиќ.

Хрватот пред да заигра за Вардар, многупати играше за Келце против Металург.

„Брендот на македонскиот ракомет почна од Металург, имав гостувано во „Борис Трајковски“ пред полни трибини. После дојде брендот Вардар со Самсоненко, со салата и сето она што го направи. Цела Европа беше љубоморна на Вардар, на сето она што го имаше овој тим, среќен сум што бев дел од овој период“, продолжи Чупиќ.

Десното крило беше стрелец на одлучувачкиот гол за првата европска титула на Вардар во 2017 година.

„Многу често ме прашуваат за последниот шут против ПСЖ, ова е тимски спорт, мило ми е што успеав да бидам дел од таа приказна. На тајм-аутот, Раул му рече на Алекс да ме проигра и тоа беше тоа. Кога Циндриќ го даде победничкиот гол во полуфиналето знаев дека ќе ја освоиме титулата. Среќен сум што успеавме да ја освоиме титулата, што го дадов тој гол. Дишевме како едно“, заврши Чупиќ.