„Чупиќ е вардарец, нема каде да се врати – тој е дома“

Еден од ракометарите што засекогаш ќе има свое место во македонската ракометна историја е Иван Чупиќ.

Десното крило од Хрватска беше стрелец на победничкиот гол, кога Вардар ја освои првата европска титула со триумфот над ПСЖ.

Тој комплетираше четири сезони во Скопје, во „црвено-црниот“ дрес, стана еден од најомилените меѓу навивачите, а сега беше првиот од „старата“ гарда што го продолжи договорот со актуелниот европски првак.

На хрватскиот „Телеспорт“ беше објавена колумна со наслов „Чупиќ нема каде да се врати“ од Миховил Топиќ, а во неа е опишана важноста на десното крило за играта на Вардар и за тоа како Чупиќ стана клупска икона.

„Откако ПСЖ израмни преку Даниел Нарсис во финалето на Лига на шампиони во 2017 година, на Вардар му останаа само седум секунди да проба да направи сензација. Тие седум секунди ќе се испостават како најважни во македонскиот клупски спорт, затоа што беа доволни Лука Циндриќ да ја изведе топката од центар, да му ја подаде на Алекс Душебаев, а овој да му ја протне на Иван Чупиќ кој ладнокрвно го матираше страшниот Тјери Омејер за експлозија од радост во Македонија.  „На крајот сè беше толку едноставно. Дајте му ја само на Иван Чупиќ и оставете го да даде гол“, викаше службениот коментатор на ЕХФ во преносот додека црвено-црните скокаа и плачеа од среќа на паркетот во Келн. Накратко Иван Чупиќ до тој момент немаше ниту еден гол од игра, постигна два од седум метри и доби релативно малку време. Но во последниот напад влезе во игра. Тоа е време кога настапуваат лидерите, тогаш играат оние кои ладнокрвно ќе ја пробијат топката во првиот агол, точно таму каде Омејер отвори малку простор со цел да го навлече на шут па да затвори ролетна.

Колку Иван Чупиќ е важна клупска икона на Вардар уште подобро се покажа минатиот мај кога Вардар во Келн отпатува буквално како „топовско месо“.

Ракометарите со месеци не земаа плата, клубот едвај некако подмири патни трошоци до Германија на Ф4 и кога сите потсвесно мислеа дека ентузијазмот и желбата не се доволни, а Барса водеше со страшни плус 7 разлика на полувреме, во соблекувалната влегол Иван Чупиќ и почнал да ги собира парчињата од разбиената вардарова војска. Тоа на навивачите им е поважно можеби и од самата титула. Чупиќ во тој момент покажал дека не е само суров професионалец, туку дека му значи. Покажа дека е Вардарец. Од таа причина не беше никакво изненадување кога излезе веста дека Чупиќ ќе остане во Вардар со старо-новиот претседател Михајло Михајловски кој ќе го преземе клубот од Сергеј Самсоненко. Чупиќ е ветеран, има 34 години а голем дел од кариерата е зад него. Остварен е во секој ракометен смисол и доаѓа во години кога поважни му се некои други работи, тука се жената, децата и некој нов начин на живот на кој не е навикнат.

Но Вардар е негов дом и реши да остане. Исто како и Тимур Дибиров, Стојанче Стоилов и Кристијан Дисингер, со тоа што сите прифатија помали плати но Чупиќ е тој што прв се огласи дека останува.

Целата колумна може да ја прочитате на следниот ЛИНК.