ЧУПИЌ: Едвај ќе успееме да фатиме топка, а ЕХФ вели мора да играме со Сегед!

Еден од ретките ракометари во редовите на Вардар, кој остана негативен на коронавирусот е хрватскиот репрезентативец Иван Чупиќ. Крилото заедно со уште двајца-тројца (Стоилов, Јагуриновски) кои веќе го прележаа вирусот тренираат индивидуално и чекаат да стигнат вести дека и другите се негативни за да почнат да тренираат нормално.

„Јас сум еден од ретките негативни. Вчера се тестирав одново, повторно негативен тест, но многу внимавам на себе. Тешко ми е, веќе 15 дена тренирам индивидуално, трчање или теретана со некои од играчите кои исто така се негативни или прележаа веќе. Двапати бев во карантин, топка немам фатено повеќе од две недели. Се надевам дека полека ќе почнат да се нормализираат работите. Неколкумина играчи имаат негативни тестови, но не е таков случајот со Калараш, тој и натаму е позитивен. Се уште сме малку за да одработиме нормален тренинг. А, и не може да се форсира. Некои имаа висока температура, посилни симптоми мора полека да се вратат во тренажен процес“, ја коментира целата ситуација Иван Чупиќ за 24Ракомет.

Згора на сè Вардар на 22 декември треба да му гостува на Пик Сегед во заостанат меч од 3. коло од Лигата на шампионите.

„Имавме најави дека ЕХФ сака на 17 декември да играме со Елверум, а на 22 декември со Сегед. Кога виде дека скоро цела екипа е инфицирана се откажаа и мислевме дека нема да играме натпревари до крајот на годината. Вчера официјално ни потврдија дека треба да патуваме за Сегед на 22 декември. Не знам што паметно да кажам! Стварно не знам како ќе играме!? Ако можеме да се собереме малку од малку следната недела ќе биде добро. Едвај ќе успееме да фатиме топка, а ќе треба да играме сериозен натпревар против Пик Сегед. Ќе биде многу тешко, но се надевам дека ќе успееме да го пребродиме и тоа“, потенцира крилото.

Дел од инфицираните играчи вчера се тестираа и оние негативните добија дозвола да се вратат на тренинзи, додека вториот бран од заразените со карантинот завршуваат в четврток, додека в петок ќе се тестираат, па од тука е и оптимизмот на Чупиќ дека можеби екипата ќе добие барем една недела заедно за подготовки за дуелот со Пик Сегед.