Чувара: Во Вардар ми е добро, немам за што да се пожалам

Репрезентативецот на Полска и актуелен член на Вардар, Јан Чувара за полскиот портал „Спортове Факти“ зборуваше за ситуацијата во Вардар, како и за неговите настапи во ,,црвено црниот дрес”.

Чувара, кој се наоѓа на поширокиот список кај Патрик Ромбел за настап на СП во јануари, истакна дека му се допаѓа атмосферата во Вардар, иако клубот оваа сезона не учествува во Лигата на шампионите.

,,Во Скопје ситуацијата е добра и покрај тоа што ни се случи на крајот на месец јуни, односно исфрлањето од Лигата на шампионите. Костурот на тимот се задржа и неколку помлади играчи добиваат поголема шанса, па немам за што да се пожалам. Јасно е дека сите ја замислувавме оваа сезона поинаку, но тоа е што е, се обидувам да не размислувам што би било кога би било и да се фокусирам само на натпреварите. Во оваа сезона добивам голема минутажа, настапив на сите натпревари во Суперлигата. Со Дејан Манасков, кој настапува на мојата позиција, ја делиме минутажата еднакво. Постои шанса Вардар да се врати во Европа, но се уште не е ништо познато”, изјави Чувара за Спортове Факти“.

Искусното лево крило во редовите на Вардар дојде од екипата на Горњи Забже во текот на 2021 година.