Се скара со селекторот и ја напушти репрезентацијата!

Репрезентативецот на БиХ и член на Загреб, Един Клис не настапи на квалификацискиот натпревар против Косово поради несогласувања со новиот тренер Ирфан Смајлагиќ.

Левиот бек за босанскиот весник „Дневни аваз“ даде само кратка изјава и истакна дека во моментов е посветен само на клупските обврски.

Тоа значи дека 23-годишниот ракометар нема да настапи ниту на реванш дуелот против Косово, кој ќе биде одигран на 12 март во Тузла и извесно е дека нема да биде дел ниту на преостанатите два натпревари, против Словенија и Црна Гора, кои ќе се одиграат кон крајот на месец април.

,,Имав конфликт со селекторот Смајлагиќ, па не бев во составот за мечот со Косово. Не би коментирал за инцидентот. Тоа беше ситуација која беше непријатна за мене и решив да си заминам. За некој мал, за некој важен конфликт. Не сакам да навлегувам во некои работи и затоа си заминав. Немам никакво мислење за во иднина, времето ќе покаже, но во моментов немам ни трошка каење за оваа одлука. Веќе се вратив на клупските обврски во Загреб“, изјави Клис за „Дневни аваз“.

Отсуството на Клис од босанската репрезентација не беше голем удар за избраниците на Смајлагиќ, бидејќи славеа на гостувањето во Приштина со 25:22.

Претходно, членот на Монпелје, Марко Паниќ имаше конфликт со поранешниот селектор на БиХ, Ивица Обрван.