После победата над Бутел во претходното коло, Охрид во сабота гостува во Прилеп кај истоимената екипа.
Десното крило, Балша Чејовиќ, вели дека одат на победа и продолжување на победничката серија.
„Продолжуваме да работиме и нема опуштање, се спремаме напорно како за секој претходен натпревар, имаме добра серија на победи која сакаме да ја продолжиме. Не ја потценуваме ниту една екипа, бидејќи лигата е многу квалитетна. Мора да влеземе максимално сконцентрирано во натпреварот, да дадеме се од себе и да забележиме нова победа“, изјави Чејовиќ.
Слично размислува и неговиот колега, босанскиот интернационалец, Дејан Шешиќ. И тој вели дека на гостувањето во Прилеп одат по трите бода.
„Добро ја познаваме екипата на Прилеп и нема да ја потцениме. Ние ќе се обидеме да одиграме онака како што нашиот тренер ќе ја постави тактиката и без многу мака да донесеме три бода дома. Сакаме да ја забележиме и четврта победа во серија и да ја зачуваме третата позиција на табелата“, изјави Шешиќ.
Во првиот дуел помеѓу овие две екипи, Охрид дома славеше со 33:26. Исто така и традицијата е на страната на охриѓани. Во досегашните 15 одиграни натпревари во Супер лигата, Охрид забележал 14 победи, додека Прилеп вкусот на победата го почувствувал само еднаш.
Натпреварот помеѓу Прилеп и Охрид, во рамки на 9. Коло од Супер лигата, се игра во сабота со почеток во 18:00 часот.