Еден од ривалите на машката сениорска репрезентација во групната фаза на штотуку завршеното Европско првенство – Чешка, во иднина ќе биде значително ослабена.
Тројцата стандардни репрезентативци – Павел Хорак, Ондреј Здрахала и Мартин Галиа, кои секогаш и создавале многу проблеми на Македонија во меѓусебните дуели заминуваат во репрезентативна пензија.
За Галиа ова ќе биде второ повлекување по она пред две години, но веројатно сега е дефинитивно. Меѓу редови нивната пензија ја најави еден од селекторите Даниел Кубеш.
„Тие тројца имаа одличен настап на ЕП. Беа вистински лидери. Ќе биде тешко да се заменат доколку дефинитивно се повлечат од националниот тим. Тоа ќе биде голема загуба за нас“, изјави Кубеш.
Чешка е еден од можните ривали на Македонија во претстојниот бараж за настап на Мундијалот во Египет следната година.