Последните два чекори пред пласман на СП следната година ги прават и Македонија и Чешка, а само еден тим ќе игра на завршницата во јануари 2023 година. По прескокнувањето на првата пречка во квалификациите, сега за Македонија претстои последниот тест – двомечот со Чешка. Дуелот е закажан за утре вечер од 20,15 часот кој може да даде одговор која репрезентација е поблиску до СП, иако тоа нема ништо да значи бидејќи реваншот е на 15 април во Скопје.
Како по традиција меѓусебните дуели од квалификациите ги играме во Злин, а од тие квалификации досега секогаш како победник излегувала Македонија. Во овие квалификации Чешка влегува со нов селектор, Шпанецот Хавиер Сабате, сегашниот тренер на Висла кој со Чешка сака да се пласира на СП и да ја продолжи низата што тимот ја има.
Во малото градче Злин нема ракометна еуфорија, нема ниту премногу информации за утрешниот натпревар. Чешкиот тим се подготвува за таа средба , а ракометарите се оптимисти дека ќе ја исполнат целта – пласман на Мундијалот. Слободното претпладне и сончевото време го искористија за прошетка низ центарот и пиење кафе. И за разлика од нашите очекување за 45 минути колку што се дружевме со дел од чешките ракометари ниту еднаш не пријде ниту еден минувач, дете или навивач да ги поздрави, да побара да се фотографира со нив. Ракометот сепак не е меѓу најпопуларните спортови.
“Подготвени сме за дуелите со Македонија. Гледавме доста натпревари и очекувам Македонија да игра нешто слично како што играше со Романија. Ги знаеме добрите страни на Македонија. Тоа што го играме првиот меч во Злин за мене лично не е никаква предност ниту пак е нешто лошо. Ние мораме а одиграме два добри натпревари за да се пласираме на СП следната година. Очекувам добро да играме сите, имавме добри подготовки и контролни натпревари. Знаеме дека во Скопје не чека полна сала, но ние сме спремни на се. Одиме меч по меч, и ќе видиме како ќе биде, вели Степан Земан, пивотменот на Чешка кој настапува во германски Гумерсбах.
Тој смета дека Лазаров ќе игра на ист начин како и со Романија, а тие веќе знаат како на тоа да одговорат. Досега секогаш во квалификациите на мечевите меѓу Чешка и Македонија, победници излегувале нашите ракометари. Традицијата е едно – сегашноста е друго.
„Тоа ништо не ни значи сега. Ние сме во добра форма, и тоа го покажавме и на последното ЕП и на контролните средби со Србија. Не размислуваме за тоа што било во минатото. Целосно сме посветени на она што е сега пред нас, а тоа е пласман на СП, смета Земан.
Но, за утрешниот натпревар, салата во Злин треба да биде полна, а на трибините ќе има и македонски навивачи кои го најавија своето доаѓање.
Средбата се игра во 20,15 часот.