Екипата на Чеховски Медведи ја совлада ЦСКА Москва со 27:21 во реванш натпреварот во финалето на руското првенство и само заради поголемиот број постигнати голови на гости стана по 21. пат шампион на Русија. Првиот дуел го доби ЦСКА Москва со 36:30.
Херој на Чеховски Медведи беше голманот Дмитриј Павленко кој имаше 11 одбрани од кои најважната во последниот напад на ЦСКА Москва која му донесе титула на неговиот тим. Сорока имаше зицер позиција од шест метри но со фантастична одбрана Павленко не дозволи погодок за големо славје на „мечките“.
Натпреварот од почетокот беше доста израмнет, а за првпат Чеховски Медведи поведоа со повисока разлика во 17. миунта кога беше 10:6. Ваквата разлика беше и на полувремето кога домашниот тим водеше 13:9.
После само седум минути игра во прдолжението „мечките“ стигнаа до посакуваните седум гола позитива, но добрата серија продолжи и стигнаа до двоцифрена разлика од 20:10 во 42. минута. До крај на мечот ЦСКА Москва успеа да намали, имаше и напад за пораз од пет гола што би им било доволно за титулата, но не успеаја во последниот напад на постигнат гол.
Најефикасен во победничкиот тим на Чеховски Меведи беше Никита Каменев со шест гола, додека по пет гола постигнаа Шишкарев, Ермаков и Дземин. Во поразениот тим се истакна Дмитри Киселев со осум гола, а четири постигна Белевцов.