Тимот на Охрид ја продолжува победничката серија во Суперлигата, откако ја оствари и четвртата лесна победа. Охриѓани прославија убедлив триумф над Јуниор Кисела Вода со 22-31.
Домашните водеа само со 1-0 на стартот, а потоа се беше во знакот на избраниците на Раде Стојановиќ. Поведоа со 1-5 и беше јасно каков натпревар ќе се гледа во продолжение. Се трудеа домашните, но немаа идеја во нападот, а сите нивни технички грешки беа казнети од Охрид, кој до паузата стигна и до највисоката предност, плус осум, 9-17.
Стојановиќ во вториот дел ги ротираше сите играчи од клупата, а домашниот тим се врати во два наврати на минус пет, но немаше шанси за камбек во натпреварот. Охрид на десетина минути пак се врати на плус осум од паузата, 19-27 и до крајот немаше дилеми околу победникот.
Најдобри стрелци во составот на Охрид беа Иван Тасески и Мартин Манасков со по шест голови, а четири пати погодија Бобан Блажески и Денис Тот. Кај Јуниор Кисела Вода, Бојан Манев беше најдобар со шест голови, а по пет пати стрелаа Мартин Димовски и Жарко Бајрактаревиќ.