„Четвртфиналето против Вардар беше одлучено со последниот шут, па во Келн пристигнавме без амбиции“

Пред шест години Холгер Гландорф во Келн го имаше најдобриот викенд во својата кариера. Десниот бек имаше голема улога во освојувањето на титулата европски шампион на Фленсбург.

Во 2014 година Фленсбург беше првиот дебитант кој триумфираше на завршниот турнир во Келн. После победата над Барселона во полуфиналето, во големото финале беа подобри од Кил во последното германско финале во ЛШ.

„Бевме големи аутсајдери, ние бевме пресреќни што сме воопшто таму. Четвртфиналето во Скопје против Вардар беше одлучено со последниот шут во реваншот, па во Келн пристигнавме без амбиции. Претходно го загубивме финалето во Купот на Германија каде што бевме фаворити и Келн беше последната шанса за трофеј. Во ниту еден момент не ни помисливме на тоа“, рече Гландорф.

Прекинувањето на сезоната значеше крај на играчката кариера на Германецот кој од 1 јули започнува со работа на ново работно место во администрацијата на Фленсбург. Гландорф засега ја отфрла можноста во иднина да стане тренер.

„Ќе започнам да работам во сите оддели на клубот за да се запознаам со процесот на функционирање, а потоа ќе видиме каде ќе можам да допринесам најмногу. Имам одлучено уште порано дека нема да станам тренер и воопшто немам ниту лиценца. Можеби ќе работам со млади категории, но не како постојан тренер на клуб. Моите синови играат ракомет но само по дома, па можеби ќе ги подучувам нив“, заврши Гландорф.

Гландорф кариерата ја завршува како најдобар стрелец во Бундес лигата со вкупно 2.406 голови, а има освоено две титули шампион на Германија.