Ефикасниот дерби дуел од осмото коло во македонскиот плеј-оф Алкалоид го зачини со победа против составот на Тиквеш од 29-26 (17-13). Со овие бодови Алкалоид е три чекор зад водечката двојка во македонскиот шампионат пред дуелот против Еурофарм Пелистер кој ќе ги појасни амбициите на сините од Автокоманда за оваа сезона. Токму дуелот со Еурофарм Пелистер во Битола го одбележа последниот и единствен пораз за Алкалоид во плеј-оф фазата.
Тиквеш одлично го отвори натпреварот, имаше и 2-0 водство, а ја контролираше играта се до 8.та минута кога Алкалоид комплетно се врати во игра, ги искористи грешките во нападот на гостите од Кавадарци и го презема водството на овој дуел.
Предноста во средина на првото полувреме се зголеми до „плус три“ за сините од Автокоманда, а разлика до крајот на првото полувреме се искачи и на високи шест голови (Стојков 17-11 29.минута). Но Тиквеш успеа да врзе два гола во низа во последните шеесет секунди пред паузата, па на полувреме двете екипи заминаа со резултат 17-13 во корист на домаќините.
На почетокот на второто полувреме Алкалоид се врати на највисоката предност од првиот дел, а Тиквеш иако успеваше да намали дел од високата разлика, не успеа да создаде вистинска шанса за враќање во натпреварот.
Во последните десет минути од дуелот Алкалоид влезе со највисока предност од 28-21, по атрактивниот гол на Серафимов, високата разлика беше гаранција за мирна завршница преку која домаќините запишаа нови, важни бодови во македонскиот плеј-оф. По шеесет одиграни минути на семафорот остана запишан резултатот 29-26.
Најпрецизен на теренот беше Мартин Серафимов со 7 голови, го следеше Стојков со 6 погодоци и Кофиловски со 3. Кај гостите од Кавадарци Хамзиќ беше предводник на нападот со 7 голови, додека Симиќ запиша 5 гола зад своето име.