Утре машката сениорска репрезентација на Македонија има нов собир, а тој ќе биде со цел да се провери формата во која во моментов се наоѓаат сите ракометари кои се во план за националниот тим.
Воедно за време на собирот ќе има и две контролни средби против селекцијата на Чиле, која е во Скопје и се подготвува за настап на Мундијалот во Египет.
Македонија е прва резерва за Светското првенство, па оттаму е добро да се биде подготвен во случај да има шанса да се дојде до учество.
За секоја позиција во националниот тим има голема конкуренција, а сите ракометари се свесни дека мораат да одиграат најдобро што можат за да успеат да дојдат до позиција во репрезентацијата за следните собири и натпревари.
Пивотот на Металург, Милан Лазаревски е свесен за она што му претстои и добро знае дека мора да биде на високо ниво доколку сака да дојде до место во тимот и во квалификациите за ЕП 2022.
„Самиот повик во репрезентацијата е и дополнителен мотив за да работам уште посилно. Имам сериозна конкуренција на мојата позиција. Се работи за одлични пивоти кои се веќе одлично познти и во европски и светски рамки. И репрезентацијата се темели на играта преку пивот и играта 2 на 2, а нашите пивоти тоа одлично го прават. После Лазаров тие се најефективните напаѓачи. Имаме специфичен начин на егзекуција преку пивот. Веројатно селекторот планира и некоја новина на ова место бидејќи помалку-повеќе Стоилов и Пешевски се ист тип на напаѓачи. Сега за овој собир сме јас, Жаре и Михаил. Жаре е веќе етаблиран во националниот тим додека јас и Михаил треба да видиме дали сме зрели за да бидеме дел од сениорскиот состав. Ова е златна можност и во исто време шанса да фатиме приклучок“, вели Лазаревски во интервјуто за 24 Ракомет.
Комплетното интервју можете да го прочитате во продолжение.
Ракометар и правник: Двете работи во кои пивотменот Милан Лазаревски сака да успее