Македонија ја победи Чешка со 27-25 во реванш средбата од баражот за Светското првенство и обезбеди пласман на Мундијал.
Селекторот на Чешка, Хавиер Сабате, вели дека неговите момци пропуштиле неколку прилики да се вратат комплетно во натпреварот.
„Имавме наши шанси во вториот дел, нашата идеја беше да останеме со опции во последните 10-15 минути. Имавме четири напади по ред да се вратиме во натпреварот. Промашивме многу зицери, македонскиот голман беше навистина добар. Скоро да добивме можност во последната минута, но домаќинот го реализира седмерецот и се радуваше. Спортот е таков и мора да се осврнеме на иднината. Двомечот беше израмнет, мислам дека двете селекции се со приближен квалитет. Беше прекрасно да се игра во оваа атмосфера, големи честитки за Стоилов, Лазаров и Миркуловски за нивните кариери и за тоа што го направија за ракометниот спорт“, изјави Сабате.
Голманот Томаш Мрква исто така беше разочаран по поразот, но и честита на Македонија за пласманот на СП.
„Честитки за Македонија за пласманот на СП. Горд сум и на мојот тим, бевме блиску, одигравме одличен натпревар, се боревме многу, но тоа не беше доволно за пласман на Мундијалот“, изјави Мрква.
Средниот бек Томша Бабак беше меѓу најдобрите на теренот во Скопје и жали за пропуштената шанса.
„Одигравме добро во Скопје, но за жал потфрливме во клучните моменти од средбата. Тоа е вистинска штета, знаевме дека ги имаме Македонците, но на крајот не успеавме“, вели Томаш Бабак.
За Чешка останува да се надева дека може да добие вајлд-карта и сепак да се најде на Мундијалот во Полска и Шведска.