Mакедонија денеска ја очекува вториот натпревар на Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска. Ривал ќе ни биде незгодната селекција на Чешка. Еден од двајцата селектори – Даниел Кубеш вели дека секој дуел е посебна приказна.
„Кога бев играч толку често се среќававме со Србија, сега како селектор ривал ни е Македонија. Мене ми е интересно, се гради интересна традиција од дуелите, има борба на терен, тактичко надмудрување. Ги победивме последниот пат, но тогаш го немаа Лазаров. Секој дуел е поинаква приказна, но едно е сигурно, ние ќе сториме се за да дојдеме до победата“, изјави Кубеш.
Сите ривали на Македонија на големите натпреварувања прават планови како да се запре Кире Лазаров, па така и Чешка.
„Лазаров има беспрекорна комуникација со остатокот од тимот. Затоа секогаш имаме дилема, дали да тргнеме понапред за да го затвориме него, бидејќи ако го сториме тоа, голема е опасноста дека ќе ги разигра останатите и тие ќе ја добијат битката“, вели Кубеш.
Македонија и Чешка ќе играат денеска во „Штадхале Арена“ со почеток во 16:00 часот.