Червар: Јас навивам за Македонија, никому нема да му биде лесно против нив!

Поранешниот тренер на Металург и селектор на Македонија, Лино Червар, кој беше и аналитичар на 24Ракомет пред стартот на Европското првенство, откри дека нашата репрезентација ќе ја има поддршката од негова страна.

Червар се осврна на промената на генерации во сениорската селекција, но стави до знаење дека на ниту еден од ривалите нема да му биде лесно против Македонија.

„Јас искрено навивам за мојата втора татковина Македонија. Мора да се биде објективен, Македонија трпи промени и менува генерации. Ќе ја води Кирил Лазаров, најголемата легенда во земјата. Го сакам и го почитувам, работевме заедно и мора сите да го следат неговиот пример. Тој е голем човек кој се грижи за сите работи, играчите што работат со него се среќни. Тој е идол, пример и прав ракометар како треба да се игра и како треба еден човек да се однесува. Иако рано влезе во тренерските води, мислам дека има голем квалитет и ќе го покаже. Лазаров е гладен за победи и како тренер и како играч. Очекувам голема неизвесност. Нема никому да му биде лесно да се справи со Македонија. Ниту на Словенија, ниту на Црна Гора, па ниту на Данска, која веќе еднаш загуби од Кире Лазаров и Македонија“, вели Червар за „Моцарт Спорт“.

Македонија ќе го стартува настапот на Европското првенство против Словенија на 13 јануари, а потоа ќе се соочи и со Данска и Црна Гора.