Чантурија: Чекориме скромно и без голема фама

Еден од најдобрите странци што заиграле во Македонија, несомнено е десното крило Реваз Чантурија од Грузија.

Тој од оваа сезона покрај играчката улога во екипата на Прилеп, има и друга улога – работи како тренер на прилепчани.

Сезонава Прилеп ќе бие битка за опстанок, а судејќи по двете убедливи победи на домашен терен, тој нема да биде доведен во прашање.

На последниот меч, Прилеп славеше против големиот ривал Струга со 31-28, а Чантурија вели дека клубот и градот заслужуваат Суперлига.

„Чекориме скромно и без голема фама. Нашата цел е опстанок во Суперлигата, но ако ни се пружи шанса зошто да не бидеме и меѓу првите во плеј-аутот од елитното друштво. Располагаме со млад тим, и со мојот асистент Лашкоски работиме напорно. Сакаме да го извадиме максимумот од овој тим. Засега мислам дека сме на добар пат. Прилеп и прилепчани заслужуваат да гледаат суперлигашки натпревари“, вели Чантурија за 24Ракомет.

Сега прилепчани се на делба на второто место во плеј-аутот со Скопје со по осум бодови, а следен предизвик за нив ќе биде домашниот натпревар со Вардар Неготино.