Екипата на Макаби Ришон Ле Зион, во кој настапува голманот од Македонија, Градимир Чаневски, иако беше многу блиску до пласман во втората фаза од Европскиот Куп, сепак, доживеа елиминација од словенечки Словењ Градец.
Макаби Ришон Ле Зион на првиот натпревар триумфираше со 31:27, додека на реванш дуелот, кој исто така беше одигран во Словењ Градец, словенечкиот тим забележа победа од 34:30, а тоа значеше дека патникот за втората фаза од Европскиот Куп ќе биде одлучен на пенали.
Словењ Градец во пенал серијата беше повеќе сконцентриран и со конечни 38:32 обезбеди место во втората фаза каде за противник ќе го има актуелниот бранител на титулата, Наербо од Норвешка.
Градимир Чаневски повторно беше во елемент и натпреварот го заврши со 12 интервенции. Голманот од Македонија на првиот дуел собра 14 интервенции, со што ја потврди добрата форма и во новата натпреварувачка сезона.
Пласман во втората фаза обезбеди и екипата на Нове Весели од Чешка, која ги доби двата дуели против Талин од Естонија со 39:23, односно 38:27. Чешкиот тим во втората фаза од Европскиот тим за противник ја има екипата на Горица од Хрватска.
Во втората фаза патува и освојувачот на Купот на Грција, екипата на Пилаја, која во дуелите со Апоел од Кипар лесно дојде до победа. Пилаја на првиот дуел триумфираше со 33:22, а на реванш натпреварот забележа поубедлива победа од 27:11.
И екипата на Спор Тото од Турција ќе игра во втората фаза од Европскиот Куп, откако во првото коло го мина Дуделанж од Луксембург. Тимот од Турција на првиот натпревар беше минимално поразен со 26:25, но во реваншот победи со 27:24.