Во денешната ракометна програма се одиграа дел од натпреварите од првата фаза во Европскиот Куп. Тимот од Израел, Макаби Ришон Ле Зион, во кој настапува голманот од Македонија, Градимир Чаневски, како и екс ракометарот на Металург, односно Вардар, Павел Атман, славеше на првиот дуел против Словењ Градец со 31:27 (14:12).
Чаневски беше прва опција во екипата од Израел и меѓу стативите на Макаби Ришон Ле Зион бранеше во текот на сите 60 минути, во кои успеа да забележи 14 интервенции, со што беше меѓу најзаслужните за освоениот триумф против словенечкиот тим. Павел Атман ја предводеше листата на стрелци во победничката екипа со осум погодоци.
Реванш дуелот меѓу екипите на Макаби Ришон Ле Зион и Словењ Градец ќе се одигра утре, со почеток од 18:00 часот. Победникот од овој дуел ќе обезбеди пласман во втората фаза и ќе игра против актуелниот бранител на титулата, Наербо од Норвешка.
Босанскиот вицепрвак Извиѓач од Љубишки успеа после изведувањето на пенали да го елиминира Линц од Австрија. Регуларниот дел од натпреварот заврши со два гола разлика за Извиѓач, 33:31, но бидејќи на првиот дуел Линц триумфираше со 34:32, победникот беше одлучен со изведување на пенали.
Во пенал серијата, составот на Извиѓач беше подобар и со конечни 38:35 обезбеди билет во втората фаза во Европскиот куп. Босанскиот вицепрвак во втората фаза силите ќе ги одмери против екипата на Бистрица од Словачка.
Екипата на Динамо Панчево, која е предводена од поранешниот тренер на ЖРК Куманово, Ненад Краљевски, исто така обезбеди пласман во втората фаза, откако во реванш дуелот против екипата од Литванија, Драгунас одигра нерешено, 28:28. Првиот натпревар меѓу двете екипи заврши со победа за тимот од Панчево со 30:24 и благодарение на победата од првиот дел, тимот на Краљевски патува во втората фаза каде за противник ја има екипата на Конверсано од Италија.
Раднички од Крагујевац на пенали беше елиминиран од Дукла Прага со 25:24, откако регуларниот дел од натпреварот заврши со резултат 23:21 за српската екипа. На првиот натпревар триумфираше екипата од Чешка со 31:29 и според новото правило на ЕХФ, во случај на изедначена разлика во двата натпревари, патникот во следната фаза беше одлучен на пенали.