Двете екипи кои сѐ во голема борба за 3. позиција во плеј-оф фазата од Супер машката лига, Бутел и Еурофарм Пелистер 2, денес го одиграа дерби натпреварот во рамки од 6. коло, а победа оствари екипата на Бутел, со резултат 28:19. Предводени од голманот Чаневски со 15 одбрани, бутелци со освоените бодови од денешната средба дојдоа до 12 бода на свое конто, со што се зацврстија на 3 место на табелата пред екипата на Еурофарм Пелистер 2, која е на 4. позиција со седум бода.
Како што се очекуваше, двете екипи играа во егал во воведниот дел од натпреварот, во кој резултатот најчесто беше израмнет. По нерешените 4:4, младите „фармацевти“ направија серија од 4:0 за највисоко водство од 4:8, водеа и со 6:9, но домаќините предводени од Митев и десното крило, Спасовски, кој беше творец на пресвртот, го надиграа гостинот во завршниот дел и на пауза заминаа со предност од два гола разлика, 13:11.
Еурофарм Пелистер 2 за неколку минути игра во вториот дел го израмни резултатот на 13:13. Избраниците на Кристијан Грчевски со погодоците на Спасовски, Мајиќ и Митев за првпат на натпреварот поведоа со три гола разлика, 16:13. Гостите имаа неколку шанси да се вратат на минус еден при резултатска негатива од 18:16, но на двапати не успеаја да дојдат до реализација, па така во 45 минута, Бутел зголеми на највисоки плус пет, 21:16.
Во последните десет минути пропаднаа сите варијанти на Еурофарм Пелистер 2 за евентуален камбек. Бутел го задржа ритамот, ја зголеми резултатската предност и едноставно не дозволи лесни погодоци во својата мрежа. На пет минути пред крајот, водството на Бутел беше 25:18. Домаќините речиси ги искористија сите грешки на гостинот во завршниот дел и дојдоа до убедлива победа.
Најефикасен во Бутел беше Марко Митев со седум гола, додека по шест постигнаа Бојан Спасовски и Мирко Мајиќ. Кај Еурофарм Пелистер 2 единствено расположен беше Павле Атанасијевиќ со седум гола.
|
БУТЕЛЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2
28 април 2022
28 - 19
Крај
|