Екипата на Чаир во 8. коло од Женската лига дојде до рутинска победа против ,,фенерџијата” Спартак, со резултат 37:21, во натпревар од групата А.
Домаќинките победата ја обезбедија уште во воведните десет минути и денешниот натпревар за нив беше полесен тренинг пред дерби дуелот против Куманово, кој ќе се одигра во наредното, 9. коло.
Ракометарките на Басри Љатифи тргнаа фуриозно, ги казнуваа грешките на противникот и во 15 минута дојдоа до 11:0. Гостинската екипа, која на овој натпревар настапи со само една постава, првиот гол го постигна дури во 18 минута. Чаир набрзина додаде уште три гола во низа, зголеми на 14:1 во 20 минута и во преостанатиот дел рутински се справи со гостинскиот состав. На полувреме предноста на Чаир беше 22:9.
Ниту по паузата немаше промени во играта и резултатот, а предноста константно растеше. Љатифи шанси им даде на сите ракометарки од клупата, кои ја оправдаа довербата и не дозволија ни најмал напредок во играта на гостинките.
Марија Николовска беше најефикасна во победничкиот табор со седум погодици, шест додаде Шадие Реџеп, додека по четири реализации имаа Теодора Гулицоска и Хана Мифтари. Кај Спартак, листата на стрелци беше предводена од Јана Ѓошевска со седум погодоци.