Екипата на Чаир иако во денешниот натпревар против Истогу доживеа минимален пораз со 34:33, остана во игра за пласман во третото коло од Европскиот Куп.
Чаир на реванш дуелот, кој ќе се одигра утре, со почеток од 17:00 часот, ќе треба да обезбеди победа со два гола разлика, или пак со еден, па патникот во третото коло да биде одлучен на пенали. За потсетување, раководството на Чаир одлучи двата дуели против Истогу да ги игра на Косово.
Избраничките на Басри Љатифи одиграа одлично во првото полувреме и успеаја до 20 минута од натпреварот рамо до рамо да се носат со поискусниот противник. Ниту една од двете екипи не успеа да направи сериозна предност во првите дваесетина минути, па така резултатот најчесто беше нерешен.
Чаир го отвори натпреварот со голот на Ѓеоргиевска за водство од 1:0 и во уште неколку наврати успеа да биде во предност, но не поголема од еден гол разлика. Сепак, по нерешените 11:11 следуваше мал пад во играта на македонскиот тим. Косовскиот шампион направи серија од 3:0, се одлепи на 14:11 и на одмор замина со предност од 17:14.
Тимот на Чаир на почетокот на второто полувреме со двата гола на Гулицоска намали на 17:16. При резултат од 20:19, домаќинот со одлична серија од 4:0 зголеми на 24:19 и до крајот на натпреварот имаше поголема психолошка предност, која резултираше со константно одржување на стекнатото водство од полувремето.
Ниту составот на Истогу не играше според зацртаната цел, попушти во финишот и му дозволи на Чаир да направи камбек. По водството на домашната екипа од 29:23, Чаир со погодоците на Гулицоска, Николовска и Џамкиќ намали на 29:28 и сѐ уште беше во игра за обезбедување на триумф. До крајот на натпреварот се играше гол за гол, а домашната екипа беше повеќе пофокусирана во финишот и не дозволи гостинот да направи целосен пресврт.
Одличен натпревар во дресот на Чаир одигра Теодора Гулицоска, која постигна десет погодоци. Во составот на Истогу листата на стрелци беше предводена од Арлинда Динарица со осум гола.