Во интересен натпревар кој денеска се одигра во Прилеп, ракометарките на Чаир успеаја со пресврт да се изборат за три бода против составот на Деспина и да се вратат дома со три бода. На тој начин после две загубени дерби средби дојдоа до триумф од 24:23.
Деспина го доби првото полувреме од овој дуел. После надигрување до средината од првиот дел од средбата дојде до прва праденост од три гола за еден од тимовите. При 7:7 следуваше 3:0 за Деспина и убава предност, која беше загубена до крајот на првото полувреме. Последен пат три разлика беше при 13:10, а потоа гостинките израмнија и при игра гол за гол до крајот на полувремето се дојде до 15:14 пред заминувањето на одмор.
Вторите 30 минути почнаа да покажуваат кој тим е поблизу до триумф. Гостинките почнаа да ја преземаат контролата и тие стигнаа до плус три. Оваа разлика ја одржуваа речиси до крајот. Имаа 24:21 во 58. минута, па потоа следуваа уште два гола од домашните, но недоволно за бодови.
Со ова Чаир почна да се буди и да покажува дека ќе биде на повисоко ниво како ќе одминува времето така што се очекуваат подобри игри во продолжението од сезоната.
Инаку, Анастасија Николовска со седум и Марија Николовска со шест гола беа најефикасни. Петпати погодија Арљинда Динарица и Ана Марија Божиновска. Во Деспина убедливо најефикасна со осум гола беше Тамара Седлоска, додека четири имаше Мери Конеска.