Ракометарките на Чаир со убедлива победа ја стартуваа новата натпреварувачка сезона во Женската лига, откако во спортската сала при ОУ „Круме Кепески“ во Кисела Вода забележаа висок триумф над составот на Спартак, со резултат 39:17 (21:6), во натпревар од групата А.
Екипата на Спартак успеа да парира само во воведниот дел кога во неколку наврати беше во водство, но во остатокот од натпреварот немаше никакви шанси да им парира на расположените ракометарки на Чаир, кои ја казнуваа секоја грешка на домашната екипа. По нерешениот резултат од 4:4, избраничките на Басри Љатифи со три гола во низа се одлепија на 7:4.
Кризниот период во екипата на Спартак, која цели десет минути беше без постигнат погодок се одрази на самиот резултат. Чаир со одлична серија од 9:0, дојде до водство од 16:5, со што практично ја обезбеди победата на овој натпревар. По 30 минути игра резултатот беше 21:6 за домашната екипа.
Ракометарките на Чаир и во второто полувреме ја покажаа својата доминација. Спартак се обидуваше да намали дел од резултатската негатива и да се избори за пристоен пораз, но големиот број на технички грешки во текот на сите 60 минути беа причина за неговиот дебакл во денешниот натпревар.
Најефикасна во победничката екипа беше Марија Николовска со седум гола, а по шест постигнаа Леонора Рахмани и Елизавета Чкхаидзе. Кај Спартак се истакнаа Јана Ѓошевска со седум и Антонија Радевска со четири погодоци.
Во следното, второ коло, тимот на Чаир на свој терен ќе се соочи со македонскиот вицепрвак Куманово, кој во првото коло беше поразен од Вардар, додека Спартак во второто коло гостува кај Гевгелија.