Чаир го дели уште еден чекор до завршниот турнир, понатаму оди и Спартак

Ракометарките на Чаир лесно ја минаа првата Куп пречка, без проблеми славеа на натпреварот против Ѓорче Петров 2 со 39:24.

Избраничките на Басри Љатифи победата си ја обезбедија уште во првите 30 минути кога на пауза заминаа со резултатска предност од 19:13 и рутински го одработија вториот дел.

Предводничка во победничката екипа беше Стефанија Ѓорѓиевска, која натпреварот го заврши со девет гола, еден помалку имаше Биљана Дамчевска, а шест запиша Теодора Дукоска.

Во поразениот табор прво име беше Ангела Цветановска, искусната ракометарка постигна седум гола, втор стрелец беше Марија Димоска со гол помалку – шест

Чаир, кој во минатата сезона играше финале на Ф4 во Купот, за пласман на завршницата ќе се бори со незгодниот Куманово.

За место на Ф4 ќе се бори Спартак, кој го доби натпреварот против Шампион, победи со 29:19. Спартак до победата дојде со одличната игра во вториот дел, откако на полувреме имаше минимално водство од 14:12.

Најефикасна во победничката екипа беше Зорица Андовска со десет погодоци, во спротивниот табор се истакнаа Марија Бојковска и Ангела Петровска, двете ракометарки имаа по пет реализации.

Противник на Спартак за место на Ф4 ќе биде Металург Автокоманда, екипа која одигра фуриозно против Стружанка триумфирајќи со 39:17.

Куп на Македонија, жени, групна фаза:

група А
Спартак – Шампион 29-19
Металург Автокоманда – Стружанка 39-17
Спартак – Металург Автокоманда

група Б
Астибо – Куманово 16-29
Чаир – Ѓорче Петров 2 39-24
Чаир – Куманово

група В
Скопје – Гевгелија 16-17
Ѓорче Петров – Деспина
Ѓорче Петров – Гевгелија

група Г
Вардар слоб.
Пелистер – Овче Поле СУ 33-13
Вардар – Пелистер