Ракометарките на Чаир испишаа историја и за првпат во третиот обид поминаа коло во Европскиот Куп.
Иако двата меча ги одиграа на гости кај косовскиот првак Истогу, избраничките на Басри Љатифи, успеаја да бидат подобри во меѓусебниот дуел и се пласираа во третата рунда.
Откако вчера загубија со 34-33, стручниот штаб на Чаир убаво ја простудирал играта на Истогу, па беа запрени нивните бекови и Чаир прослави триумф 33-26.
Чаирчанки имаа свои симпатизери кои ги бодреа на двата меча и на крајот заедно со ракометарките го прославија пласманот во следната фаза од Европскиот Куп.
Покрај Чаир, во третото коло ќе игра и шампионот Ѓорче Петров, па македонскиот женски клупски ракомет по којзнае колку време ќе има два претставника во оваа фаза од некое европско натпреварување.