Голманот на српската репрезентација, Владимир Цупара, е еден од главните адути на Србија за Европското првенство во Унгарија и Словачка.
Искусниот голман, кој од 2019 година настапува за Веспрем, беше меѓу првите ракометари кои беа позитивни на Ковид 19. Поради тоа, подготовките на Србија беа во краток прекин и по повторените тестирања, Цупара доби негативен тест.
Тој во изјава за официјалниот сајт на Ракометниот сојуз на Србија истакна дека кратката изолација ја доживеал на тежок начин, посебно на психички план.
„Ми беше многу тешко што не можев да им помогнам на соиграчите, а првенството се ближи. Психички ми беше многу потешко отколку физички. Во просторијата се трудев да правам неколку вежби за да не изгубам многу од формата. Имаше страв, нервоза, желба за тренинзи и дружење, но соиграчите и луѓето од стручниот штаб се погрижија да бидеме во најдобар ред“.
Репрезентацијата на Србија ќе игра во групата Ц во Сегедин против селекциите на Хрватска, Франција и Украина. Цупара верува го голем успех на континенталниот собир.
„Кој и да биде на теренот, важно е само да победуваме и да направиме што подобар резултат. Се надевам дека ќе влеземе комплетни во втората фаза, дека сите што се сега заразени ќе бидат негативни и ќе закрепнат на вистински начин и дека сите натпревари во Унгарија ќе ги одиграме во комплетен состав. Сè уште веруваме во успех, без разлика на се“.
Србите првиот натпревар на Европското првенство ќе го одиграат на 13 јануари против селекцијата на Украина.