Според информациите на романскиот „Про Спорт“, нов селектор на женската репрезентација на Романија ќе биде Флорентин Пера, кој ќе ја преземе селекторската функција од палката на довчерашниот селектор, Адријан Василе.
Како што наведува истиот медиум, Пера веќе ги договорил деталите од договорот со ракометната федерација на Романија, но договорот сѐ уште не е потпишан поради отсуството на законското право на потпис на новиот претседател на романската федерација, Константин Дин.
Пера во минатата сезона беше тренер во ЦСКА Москва, клуб во кој моментално настапува и репрезентативката на Македонија, Сара Ристовска. Тренерот од Романија со ЦСКА Москва успеа да го освои Купот на Русија и сезоната во рускиот шампионат ја завршија на второто место.
Поради санкциите од страна на Европската ракометна федерација (ЕХФ) за руските и белоруските клубови, голем дел од интернационалките кои играа во рускиот шампионат и странските тренери решија да ја напуштат „зборнаја“, но Пера до крај остана во московската екипа. Но, бидејќи санкциите остануваат и за следната сезона, романскиот тренер одлучил да ја напушти екипата на Москва поради отсуството на европски натпревари.
Романија е еден од противниците на Македонија во групата на ЕП што ќе се игра во нашата држава, Словенија и Црна Гора. Европското првенство ќе се одржи од 4 до 20 ноември, а натпреварите во Скопје ќе се играат во СЦ „Борис Трајковски“.