Извршниот Комитет на Европската ракометна федерација во текот на вчерашниот ден донесе одлука да ги суспендира сите клубови и репрезентации од Русија и Белорусија поради воените дејствија на територијата на Украина.
Исто така, судиите и делегатите од Русија и Белорусија нема да бидат номинирани за европските натпревари, а на Русија и е одземено домаќинството на младинското ЕП во ракомет на плажа.
Со одлуката на ЕХФ, двата најдобри клубови од Русија во женска конкуренција, ЦСКА Москва и Ростов Дон, се исклучени од понатамошно натпреварување во Лигата на шампионите.
И двете екипи обезбедија место во осминафиналето, односно четвртфиналето од најквалитетното натпреварување, но за жал, ситуацијата во Украина беше кобна за нив.
Од екипата на ЦСКА Москва, во која настапува репрезентативката на Македонија, Сара Ристовска, во денешното соопштение за медиумите истакнаа дека ќе ја оспоруваат донесената одлука на ЕХФ пред Спортскиот арбитражен суд во Лозана.
„Сметаме дека оваа одлука на ЕХФ е целосно спротивна на принципот „Спортот надвор од политиката“, до кој секогаш се придржувале руските клубови, рускиот ракомет и професионалниот ракометен клуб ЦСКА. Дополнително, тоа не е во согласност со нормите и спортските принципи на меѓународните натпревари, очигледно е дискриминаторски и им штети на огромен број спортисти, тренери и вработени во клубот. Затоа, го задржуваме правото да ја оспориме одлуката на ЕХФ во согласност со меѓународното спортско право, вклучително и пред CAS (Спортски арбитражен суд во Лозана). Спортот отсекогаш служел за обединување на народите од различни земји и континенти, без разлика на какви било разлики и несогласувања. Ваквите постапки ја делат светската спортска заедница, која секогаш се придржувала до принципите на еднаквост и меѓусебно почитување, независно од моменталните политички случувања“, стои во соопштението на рускиот шампион.
ЦСКА Москва, како и сите други клубови од Русија кои учествуваа во Европа, ќе продолжи да се натпреварува само на домашна сцена.