Очигледно е дека додека се победува се е како што треба, а кога се губи на површина излегува „валканиот веш“.
Како типична балканска селекција, и Црна Гора не може без внатрешни проблеми. Веднаш по мечот со Исланд, низ преносот на националната телевизија РТЦГ беше пласирана информација за кавга меѓу селекторот Зоран Рогановиќ и спортскиот директор Драшко Мрваљевиќ, кои наводно не комуницираат повеќе, пишува „Reprezentacija.me“.
„Немам коментар на тоа што се случува внатре во репрезентацијата. Не можам да коментирам тоа што се зборувало на преносот“, кратко изјави Рогановиќ.
Тоа што падна во очи е сцената пред стартот на натпреварот со Исланд, кога првпат Рогановиќ и Мрваљевиќ не беа прегрнати во текот на интонирањето на химната.
Мрваљевиќ ја водеше селекцијата на дуелите против Данска и Македонија, додека Рогановиќ беше позитивен на коронавирус. Црна Гора со пораз од Исланд го заврши ЕП во ТОП 12.