Црногорско крило е новото засилување во амбициозниот Прилеп

Екипата на Прилеп полека го комплетира ростерот за претстојната сезона, во која клубот ќе атакува на подобар пласман од минатогодишното освоено 10 место.

Според информациите на 24Ракомет, ново име во ростерот на Божидар Мојсов е црногорскиот интернационалец Денис Шабановиќ, кој вo последните две сезони имаше ангажман на Косово.

Црногорецот го носеше дресот на најтрофејниот косовски клуб Беса Фамгас и заедно со тимот од Пеќ се радуваше на две титули во националното првенство на Косово, како и на две титули во косовскиот Куп. Новиот член на Прилеп во својата татковина настапуваше за Морнар од Бар.

Шабановиќ настапува на позицијата десно крило, позиција на која Прилеп го има на располагање уште поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Пеце Рајатовски, како и интернационалецот од Грузија, Левани Имандзе.

Со доаѓањето на Шабановиќ, тренерот Мојсов ќе има поголем избор на десната крилна позиција, па така Прилеп ќе биде и поконкурентен и поквалитетен во новата сезона.

21-годишниот ракометар во Прилеп друштво ќе им прави на неговите сонародници, средните бекови Владан Кастратовиќ и Драган Јелушиќ, кои исто така се нови играчи за новата сезона.

Покрај тројцата интернационалци од Црна Гора, новаци во Прилеп се и кружниот напаѓач Томче Трајчевски, левиот бек Никола Цветаноски, десното крило Левани Имандзе и голманот Давид Ацевски.

Ракометарите на Прилеп за ривали во регуларниот дел од Супер лигата ги имаат екипите на Голден Арт, Бутел Скопје, Вардар, Еурофарм Пелистер, Мулти Есенс, Пролет и Вардар Неготино.