Екипата на Тиквеш, која во минатата сезона заврши на петтото место во суперлигашката конкуренција, откако го реши тренерското прашање, започна да работи на составувањето на играчкиот кадар.
По разделбата со Александар Стојаноски, кавадарчани прво ќе се засилуваат на голманската позиција. Прв на листата на можни засилувања е црногорскиот репрезентативен голман Јагош Брауновиќ.
Чуварот на мрежата беше дел од екипата на Охрид, каде што мина четири сезони, а со своите одлични настапи на македонска сцена, неколку пати си обезбеди повик во црногорската репрезентација. Претходно беше дел од составите на МРК Вардар и Пелистер.
Тиквеш претходно ги продолжи договорите со средниот бек, Страхиња Симиќ и кружниот напаѓач, Никола Стефановиќ, додека екипата од Кавадарци ја напушти левиот бек Јане Јанчев.
Кавадарчани во следната сезона ќе бидат дел од групата Б заедно со Еурофарм Пелистер, Скопје, Голден Арт, Пролет, Еурофарм Пелистер 2, Радовиш и Јуниор КВ.