Селекторот на машката сениорска репрезентација на Црна Гора, Зоран Рогановиќ по контролните натпревари против Македонија, одлучи со кои ракометари ќе патува на Светското првенство 2023.
Рогановиќ за Мундијалот одбра 17 играчи, а меѓу избраните има и еден член кој во моментов настапува во нашата Суперлига – десното крило и капитен на Еурофарм Пелистер, Мирко Радовиќ.
Од списокот отпадна голманот на Еурофарм Пелистер 2, Василије Печурица, кој беше во комбинација за двата контролни дуели против Македонија во Маврово.
На Светското првенство 2023 во црногорската репрезентација ќе настапат уште неколку ракометари, кои во минатото биле дел од македонските клубови. Тоа се голманот Никола Матовиќ (Струга), крилото Милош Вујовиќ (Пелистер), пивотите Вук Лазовиќ (Вардар) и Немања Грбовиќ (Вардар) и бековите Ристо Вујачиќ (Вардар Јуниор, Пелистер), Стеван Вујовиќ (Вардар, Металург), Божидар Симиќ (Вардар Јуниор, Радовиш), Василије Калуѓеровиќ (Металург), Васко Шеваљевиќ (Вардар) и Божо Анѓелиќ (Металург).
Црногорците ќе имаат две проверки против Катар во Доха на 3 и 5 јануари, од каде што патуваат за Краков каде на 12 јануари играат против Шпанија на стартот на СП. Црна Гора на Мундијалот ќе игра и со репрезентацијата на Чиле и Иран.