Црна Гора со победа се загреа за ЕП

Ракометарките на Црна Гора, кои пред неколку дена ги започнаа подготовките за Европското првенство во ноември, денес го одиграа првиот пријателски натпревар.

Противник на избраничките на Бојана Поповиќ беше репрезентацијата на Словачка. Црногорките остварија убедлива победа со 17 гола разлика, 37:20, со што покажаа дека се во одлична форма пред почетокот на континенталниот собир.

Најефикасна во дуелот против Словачка беше Ѓурѓина Јауковиќ со седум гола, екс членката на Вардар, Јованка Радичевиќ заедно со Нина Булатовиќ, Татјана Брновиќ, Милена Раичевиќ и Ивона Павичевиќ постигнаа по четири погодоци.

Одличен настап имаа и двете голманки на Црна Гора, Марина Рајчиќ и Марта Батиновиќ кои забележаа по 11 одбрани во првото полувреме.

Двете репрезентации во текот на утрешниот ден ќе го одиграат вториот пријателски натпревар.

Црна Гора е во група со Шпанија, Германија и Полска, а освен во Подгорица, натпреварите од ЕП ќе се играат и во Скопје, Љубљана и Целје од 4 до 20 ноември.