Селекторот на машката сениорска репрезентација на Црна Гора, Зоран Рогановиќ го објави списокот на играчи за натпреварите против Косово и БиХ во рамки од квалификациите за Европското првенство 2024.
Во споредба со составот кој што беше подобар од Грција во априлскиот бараж за пласман на Светското првенство 2023, во тимот го нема десниот бек Стефан Чавор, кој во јуни имаше операција на коленото, додека екс голманот на Струга, Никола Матовиќ по опоравувањето од повредата доби повторно шанса во репрезентацијата.
На списокот на Рогановиќ место имаше и за капитенот на Еурофарм Пелистер, Мирко Радовиќ. Искусниот ракометар има одлични настапи за „фармацевтите“ и беше јасно дека ќе има загарантирано место во црногорскиот табор за квалификациските натпревари.
Рогановиќ за натпреварите против Косово и БиХ ќе може да смета и на Стеван Вујовиќ, Васко Шеваљевиќ, Вук Лазовиќ и Немања Грбовиќ, кои во својата кариера настапуваа за македонскиот шампион Вардар, потоа и на двајцата екс ракометари на Металург, Василије Калуѓеровиќ и Божо Анџелиќ, како и на Ристо Вујачиќ, кој настапуваше за Еурофарм Пелистер и за Вардар Јуниор.
Црна Гора за пласман на ЕП 2024 ќе игра и против репрезентацијата на Словенија. Избраниците на Рогановиќ на 13 и 16 октомври ќе ги одиграат првите два квалификациски натпревари против Косово, односно БиХ. Реванш натпреварите против Косово и БиХ и двата натпревари против Словенија се закажани за 2023.