Еден од трите организатори на Европското првенство, Црна Гора, имаше победнички старт, откако во „Морача“ славеше против селекцијата на Шпанија со убедливи седум гола разлика, 30-23.
Брновиќ, Павичевиќ и Маловиќ донесоа 3-0 по пет минути игра, а потоа беше и 6-1, па стана јасно дека Црногорките се решени да одат по бодовите против незгодниот ривал. „Фуријата“ успеа да намали дел од неегативата до паузата, 12-9.
Во вториот дел немаше никаков пресврт. Беше 20-13, потоа и 22-14, и до крајот избраничките на Бојана Поповиќ рутински си ја одработија задачата.
Најдобри стрелци во победничкиот состав беа Ѓурѓина Јауковиќ и Јованка Радичевиќ со по пет погодоци, а одлична на голот беше Марина Рајчиќ со десет одбрани. Кај Шпанија се истакна Барбоса со пет погодоци.