Машката кадетска репрезентација на Македонија во рамки од второто коло на Светското првенство во Хрватска успеа да ја надигра Црна Гора со 29:20 и со денешната победа зачекори кон главната фаза на кадетскиот Мундијал.
Македонија за последен ривал од групната фаза ја има Грузија, додека Црна Гора оди на мегдан со Норвешка.
Двете репрезентации влегоа во грч и три до четири минути немаше реализација кај двата табора. Македонија со погодоците на Андреј Стојановски и Калајџиески дојде до 2:0, a црногорските кадети првиот гол го постигнаа дури по 10 минути игра за 2:1. Во воведните десет минути солиден на голот беше Давид Брестовац.
По водството на Македонија од 3:2, следуваше серија од 2:0 на Црна Гора, која ја презеде предноста и поведе со 4:3. Во следниот период се играше гол за гол, избраниците на Стојановиќ повторно го вратија водството, најпрво поведоа со 6:5 во 15-та минута, потоа имаа 7:6 во 20-та минута.
Ниту во последниот период, во кој двете репрезентации наизменично се менуваа во предност, немаше поголема промена на резултатот. Иако во 25-та минута беше нерешено, 9:9, македонската селекција успеа да ја врати предноста од стартот победувајќи со 11:9. До крајот на паузата имаше по гол на двете страни, па така резултатот на полувреме беше 12:10 за ракометарите на Стојановиќ.
По неколку минути игра во вториот дел, откако Црна Гора не реализираше неколку напади, македонската репрезентација во 35-та минута дојде до дотогаш највисоките плус четири, 15:11. Црногорците од тој момент никако не можеа резултатски да се доближат и правеа грешки во обидот да дојдат до камбек.
Левото крило на Вардар, Марио Стојановски, во 40-та минута беше ефикасен за 17:12. На петнаесетина минути пред крајот резултатот беше 19:16 за Македонија, а во 50-та минута 24:17.
Македонската репрезентација до крајот ја зголеми предноста, ги користеше грешките на ривалот и успеа да се израдува на првата победа на Мундијалот.
Најефикасни во редовите на Македонија со по три погодоци беа Марио Стојановски, Томислав Димковски, Славчо Шулевски, Ненад Белистојаноски и Самоил Ристевски.