Хрватска одигра реми со Данска, 32-32, и ги задржа шансите за место во четвртфиналето на Светското првенство.
Лука Циндриќ имаше последен обид за гол во данската мрежа, но не погоди и мечот заврши нерешено, но по мечот имаше што да каже за судиите.
„Ретко го коментирам судењето, но мислам дека е срамота на ваков меч нив им ‘дадоа’ десет топки, ниту една на нас, ова е катастрофа, но тоа не е прашање за мене, нека се занимава некој друг со тоа. Одигравме многу тежок натпревар, дадовме се од себе. За жал, не победивме, но можеме да бидеме задоволни со бодот и настапот. Не беше лесно, имаа полни трибини дански навивачи, но знаевме дека можеме да им парираме само со цврста одбрана. Немаа решение, но играа 7 на 6 во напад, а ние не можевме да се одбраниме во вториот дел и да постигнеме лесен гол. Многу сум горд на целиот тим“, вели Циндриќ.
Многу веројатно пласманот во четвртфиналето ќе го реши гол-разликата, а Хрватска до крајот има натпревари со Белгија и Бахреин.