Циндриќ: Работам, не филозофирам и ме води само една работа – да бидам најдобар во светот!

Членот на Барселона, кој афирмацијата ја стекна во Македонија додека играше за Металург и Вардар, е номиниран за најдобар ракометар за 2019 година според ИХФ.

Циндриќ веќе во првата сезона во каталонскиот гигант ја презема лидерската улога и се чини дека е алката што и недостигаше на Барселона претходните години.

Тој посакува да биде најдобар на светот.

„Сигурно малкумина веруваа во мене, веројатно мојата висина беше причина. Тоа не ме обесхрабри. Јас сум во срцето спортист и никогаш не се предавам. Бев најдобар стрелец во лигата. Во животот кој го посветив на спортот ме води само една работа – да бидам најдобар на светот. Тоа нема врска со годините. Не се плашам од предизвици. Никогаш не си премлад за да не бидеш најдобар. Јас тежнеам кон тоа, до каде ќе стигнам, не знам. Повлечен сум, работам, а не филозофирам. Дури и кога мислам дека тренерот не е во право, ќе направам тоа што го бара од мене и ќе најдам начин, ако има прилика, да му кажам дека тоа можело поинаку, а да не ме сфати погрешно. Мислам дека тоа е подобриот пат“, вели Циндриќ за „Спортске Новости“.

По трите настапи на завршните турнири со Вардар и Келце, Циндриќ ќе игра и со Барселона по 4. пат по ред во Келн на Ф4.